= Дефинирање на проектот = == Членови на тимот == * Андреа Цветанова 212073 * Марија Николовска 213259 * Драган Ризов 223149 == Краток опис == !BrewMaster е веб-апликација за управување со производството и дистрибуцијата во мала (craft) пиварница. Базата на податоци ќе содржи податоци за суровините и нивните добавувачи, поединечните пратки на состојки со количина, датум на прием и рок на траење, рецептите со точна спецификација на состојки, сериите на варење и мерењата за време на ферментацијата, спакуваните готови производи (буриња, шишиња, лименки), клиентите, нарачките и испораките, како и корисниците и нивните улоги. Главната цел на апликацијата е следливост: секоја спакувана единица може да се следи наназад до серијата, рецептот, пратките на суровини и добавувачите од кои потекнува. Со тоа пиварницата има подобра контрола врз квалитетот, точна слика за залихите и брза реакција ако треба да се повлече производ. Апликацијата ги заменува рачните евиденции на хартија и во Excel табели и ги поврзува магацинот, производството и продажбата на едно место, од приемот на суровините до испораката кај клиентите. Прототипот ќе ги покрие главните сценарија: креирање серија според рецепт, обработка на нарачка и следење на производ до неговите суровини. == Детален опис на проектот == === 1. Наменет корисник и сопственик === Сопственик или главен корисник на базата и апликацијата е мала или средна занаетчиска (craft) пиварница, на пример пиварница со 10 до 20 вработени која произведува неколку стилови пиво и снабдува барови, ресторани и маркети во регионот. Системот служи како централно место за управување со секојдневните операции на пиварницата. '''Потреби на компанијата:''' Како што пиварницата расте (повеќе стилови пиво, повеќе паралелни серии и повеќе клиенти), водењето евиденција на хартија или во одвоени Excel табели станува неодржливо. Нејзината главна потреба е поврзаноста на магацинот, производството и продажбата, за во секој момент да има точна слика за залихите, трошоците и капацитетите. === 2. Проблеми кои се решаваат === * '''Искористување суровини со изминат рок:''' Состојките кои се дел од рецептите се скапи и чувствителни суровини. Без следење по пратки, лесно може да се искористи стара пратка со изминат рок, што го расипува вкусот на цела серија. !BrewMaster ја води залихата по пратка (датум на прием и рок на траење) и известува кога некоја залиха ќе падне под минималното ниво или кога пратка од некоја состојка е пред истекување на рокот за да се избегне користење на истата во сериите. * '''Недостиг на материјал среде варење:''' Може да се случи пиво-мајсторот да започне со варење и на половина пат да сфати дека нема доволно од некоја состојка или амбалажа. Системот при планирање на серијата проверува дали има доволно состојки според рецептот и ги резервира. * '''Пакување недовршен производ:''' Во сезона на поголема побарувачка, поради брзање, може серија да се спакува пред да заврши ферментацијата. Системот наметнува животен циклус на сериите (''Планирана -> Варење -> Ферментација -> Пакување -> Завршена'') и не дозволува прескокнување на фази. * '''Бавно повлекување производ:''' Ако бар пријави проблем со буре пиво, без систем се потребни денови за рачно да се открие каде завршила таа серија. Со !BrewMaster веднаш се добива извештај каде се испорачани сите единици од серијата и кои суровини се користени. * '''Продавање залиха која не постои:''' Продажбата може да вети буриња кои веќе се резервирани за друг клиент. Системот при потврдување нарачка ја резервира залихата од некој готов производ и не дозволува двајца вработени кои работат во оделот за продажба да ветат иста залиха поради слаба комуникација и да се потврди продажба над достапното. === 3. Видови корисници === Пристапот е поделен според работните позиции во пиварницата, така што секој има права само за својот дел: ||= Улога =||= Опис и примарни одговорности =|| || '''Пиво-мајстор''' || Одговорен за производството. Креира и менува рецепти, планира и започнува серии на варење, внесува мерења за време на ферментацијата (температура, густина) и го евидентира пакувањето во буриња, шишиња или лименки. || || '''Менаџер за набавка и магацин''' || Одговорен за суровините. Управува со добавувачите, ги евидентира пристигнатите пратки со нивните рокови на траење и добива известување кога некоја залиха ќе падне под минималното ниво и кога некоја пратка е пред истекување на рокот. || || '''Менаџер за продажба и дистрибуција''' || Одговорен за клиентите (ресторани, барови, маркети) и готовите производи. Ги внесува нарачките, распределува производи од магацинот и го потврдува статусот на испораките. || || '''Администратор''' || Ги креира корисничките сметки и ги доделува улогите, управува со основните податоци (стилови пиво, типови состојки, видови амбалажа) и со општите поставки на системот. || === 4. Слични решенија и по што се разликува !BrewMaster === На пазарот постојат општи магацински и сметководствени програми, од една страна, и специјализирани светски платформи за пиварници (на пример Ekos и !OrchestratedBeer), од друга. Општиот софтвер знае дека има „100 кг јачмен“ и „500 шишиња“, но не го следи процесот во кој од состојките, преку варење и ферментација, настанува нов производ. !BrewMaster е моделиран околу рецептите и фазите на производство. Специјализираните светски платформи се наменети за поголемиот пазар, работат со месечни претплати и нудат многу модули кои мала пиварница не ги користи. !BrewMaster е фокусиран на она што е најважно за мала локална пиварница: рецепт, серија, пратка, нарачка и следливост меѓу нив. Во Excel ништо не спречува иста залиха да се ветува на двајца клиенти или да се искористи суровина со изминат рок. Во !BrewMaster ова го спречуваат ограничувањата и трансакциите во базата на податоци. === 5. Тип на апликација === Проектот е веб-апликација, достапна преку прелистувач, од компјутер во канцеларија или од таблет во производството и магацинот. Базата на податоци е централна, нема потреба од инсталација на секој уред, и сите сектори во секој момент ги гледаат истите податоци. == Главни функционалности и план за базата на податоци == * '''Рецепти и спецификација на материјали:''' Секој рецепт содржи точен список на состојки и количини. При креирање серија, системот проверува дали има доволно залиха и автоматски ги резервира потребните материјали. * '''Управување со залиха по пратка:''' Состојките се водат по пратка (добавувач, датум на прием, рок на траење, количина), со што точно се знае која пратка е искористена во која серија. * '''Животен циклус на серии:''' Секоја серија поминува низ јасни статуси (''Планирана -> Варење -> Ферментација -> Пакување -> Завршена''), што спречува невалидни преоди. * '''Нарачки и испораки:''' Нарачките имаат свој животен циклус (''Нова -> Потврдена -> Испорачана''), а системот не дозволува продажба над достапната залиха. * '''Целосно следење:''' Од која било спакувана единица може да се дојде до серијата, рецептот, пратките на состојки и добавувачите. * '''Аналитички извештаи:''' Потрошувачка на суровини, искористеност на капацитетите, најпродавани пива и перформанси на добавувачите.