6. Заклучок и работа во иднина
Во овој труд беше истражен процесот на автоматско генерирање на македонска народна мелодија, преку различни имплементации и методологии на автоматско генерирање за други видови музика и беше покажано дека можат да се создадат новокомпонирани македонски народни мелодии со помош на рекурентни невронски мрежи, односно со р.н.м. со долго-краткорочна меморија, преку нивно тренирање и предвидување на резултати, со помош на машинско учење. Иако беше користено релативно мало податочно множество, резултатите се задоволителни, мелодиите се пријатни на звук и според спроведениот Тјуринг тест потсетуваат на македонски народни мелодии.
Резултатите од овој труд се тренирани модели на македонска народна музика и песни со глобална структура и хармонија, кои потсетуваат на македонски народни песни. Бидејќи моделите се веќе тренирани можат лесно да се искористат како такви од други апликации, за други намени, на пример во веб апликации, но исто така може да се изврши тренирање со други хипер-параметри, поголемо податочно множество, дефинирање на вовед и крај на песните и искористување на значајниот потпис на македонските н.песни: временскиот потпис од 7/8.