Краток опис на проектот
Замислете дека сте студент кој слуша задолжителни предмети со својата група, изборен предмет со друга група и лабораториски вежби во посебен термин. Сите овие обврски треба некако да ги составите во еден неделен распоред. Моменталниот систем нема таква функционалност, но дополнително би се соочиле и со следниве проблеми:
- Промени во термините за предавања и вежби
- Изборни предмети се присутни во распоредот на само одредени групи
- Термините за лабораториски вежби се променливи
- Нема опција за експортирање на распоредот
Нашата апликација ќе му овозможи на секој студент самостојно да си ги одбере конкретните термини за предавања, вежби и лабораториски вежби коишто му одговараат најмногу и ќе ги зачува истите во личен распоред за семестарот.
Детален опис на проектот
За кого е наменет
Проектот е првенствено наменет за студентите на ФИНКИ, со цел да им ја олесни секојдневната организација на наставата и факултетските обврски. Во рамките на семестарскиот проект, нашиот тим ќе биде одговорен за развојот и одржувањето на системот. Доколку апликацијата во иднина биде воведена во официјална употреба, управувањето со неа би можело да го преземе Факултетското студентско собрание (ФСС) или надлежните лица за организација на наставата, во координација со продеканот за настава. На овој начин, системот би придонел за поефикасна организација на студентските обврски и подобро следење на наставниот распоред.
Главните корисници на апликацијата ќе бидат студентите на ФИНКИ. Секој студент ќе има можност самостојно да го креира, уредува и приспособува својот личен распоред според индивидуалните потреби и факултетски обврски. Професорите и асистентите нема да имаат активна улога во користењето на апликацијата. Бидејќи секој студент ќе може да си состави свој распоред, неговото уредување нема да бара дополнително одобрување или потврдување, ниту пак ќе влијае врз официјалниот распоред на факултетот.
Каков проблем решава
Сите студенти на ФИНКИ често се соочиваат со конфликти помеѓу распоредот на часови за нивните групи и нивните реални распореди. Овој проблем се зајакнува значително кај студентите со презапишани предмети или во последни две години на студии, како и со лабораториските вежби. Дополнително, кога некој термин за предавање или вежби ќе се премести, нема никаков практичен начин тоа да се преведе во постоечкиот распоред.
Постоечки решенија
Постоечкиот систем за преглед на распоредот на ФИНКИ "EduPage", прикажува фиксни распореди по групи во форма на слики, кои не секогаш одговараат на индивидуалните потреби на студентите. Изборните предмети често се изоставени или се вклучени само во распоредите на одредени групи, а поради статичната природа на системот, распоредот не е приспособен да ги вклучи и термините за лабораториски вежби. Поради тоа, студентите немаат целосен преглед на своите неделни обврски и се принудени самостојно да составуваат личен распоред преку други алтернативни решенија. Нашиот систем има за цел да ги реши овие проблеми, овозможувајќи им на студентите да го приспособат распоредот според своите потреби, со дополнителни функционалности како можноста за експортирање на распоредот во личени календар апликации.
Како ќе се имплементира
Планираме да развиеме веб-апликација до која студентите ќе пристапуваат преку прелистувач. Апликацијата ќе биде достапна од различни уреди, како што се десктоп компјутери, лаптопи и таблети, без потреба од дополнителна инсталација. Со изборот на ваков тип апликација сакаме да обезбедиме лесна достапност, едноставност при користењето и брз пристап до персонализираниот распоред на секој студент.
Во базата на податоци ќе се чуваат информации за семестрите, студиските програми, предметите, наставните групи, професорите, асистентите, лаборантите и просториите, како и временските блокови и термините за предавања, аудиториски и лабораториски вежби. Дополнително, ќе се чуваат податоци за секој студент и неговите избрани предмети и термини, врз основа на кои ќе се формира неговиот личен распоред. Секоја промена во факултетскиот распоред ќе се евидентира и соодветно ќе се одрази во личните распореди на засегнатите студенти. На овој начин, студентот ќе има постојан преглед на своите неделни обврски и сите промени што се однесуваат на неговиот распоред и евентуалните преклопувања на термините.
